Дводневните врнежи од септември во неколку области на регионот Сахара во југоисточниот дел на Мароко ги надминаа годишните просеци и предизвикаа поплави, соопштија официјални лица од метеоролошката агенција на земјата.
Во Тагунит, село кое се наоѓа на околу 450 километри јужно од главниот град Рабат, за 24 часа се забележани повеќе од 100 мм дожд, пишува Гардијан.
Сателитски снимки на НАСА покажуваат како езерото Ирики, кое е суво 50 години, се полни со вода.
„Поминаа меѓу 30 и 50 години откако имавме толкав дожд за толку краток временски период“, изјави за АП Хусин Јуабеб, официјален претставник на метеоролошката агенција на Мароко.
Овие дождови, кои метеоролозите ги нарекуваат екстратропска бура, би можеле да ги променат временските услови во регионот во наредните месеци и години.
„Како што воздухот задржува повеќе влага, тој поттикнува повеќе испарување на водата и предизвикува повеќе бури“, изјави Јуабеб за американската агенција.
Селест Сауло, генерален секретар на Светската метеоролошка организација, изјави дека „циклусот на водата во природата низ светот се менува со зголемена фреквенција“.
„Поради порастот на температурите, хидролошкиот циклус се забрза. Тој исто така стана непредвидлив и нестабилен, а денес се соочуваме со сè поголеми проблеми со премногу или премалку вода“, рече Сауло.
Во поплавите во Мароко минатиот месец загинаа 18 лица, а последиците се проширија и во регионите кои минатата година беа погодени од земјотрес. Исто така, имаше извештаи за преградени акумулации во југоисточниот регион кои се полни со рекордно темпо во текот на септември.