Австралијка, која барала изгубен мобилен телефон, се заглавила меѓу карпите во долината Хантер и поминала седум часа наопаку пред спасувачите да стигнат до неа.
На фотографиите објавени на социјалните мрежи од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс, се гледаат само стапалата на жената како излегуваат од карпите, објави Си-Ен-Ен.
Австралијката планинарела со пријателите на приватен имот во градот Лагуна, на околу 120 километри од Сиднеј, кога и паднал мобилниот телефон.
Жената се обидела да дојде до него, но се лизнала и со наведната глава паднала меѓу две големи карпи.
Пријателите се обиделе да и помогнат и да ја извлечат, но тие морале да се откажат и да повикаат помош.
На спасувачите и на полицијата им биле потребни седум часа за да ја извлечат 23-годишната Австралијка, а на крајот морале со кран да ја преместат карпата тешка 500 килограми.
За среќа, жената се спасила само со мали гребаници.