Навигаторот и истражувач од 15 век Кристофер Колумбо бил сефардски Евреин од Западна Европа, рекоа шпанските научници откако ја анализираа неговата ДНК.
Неколку земји го оспорија потеклото на Колумбо, како и местото каде што бил погребан, при што многу историчари ја доведуваат во прашање традиционалната теорија дека тој бил од италијанскиот град Џенова, објави Ројтерс.
Со цел да се реши мистеријата, тим истражувачи направиле истражување кое траело дури 22 години, предводено од шпанскиот форензичар Мигел Љоренте.
Научниците ги анализираа остатоците пронајдени во катедралата во Севиља, каде властите долго време тврдеа дека Колумбо бил погребан.
Тие ги споредиле остатоците од генетскиот материјал со ДНК на неговите роднини и потомци, а нивните наоди ги објавиле во документарен филм со наслов „ДНК на Колумбо: Вистинското потекло“ кој беше прикажан во саботата на шпанскиот јавен сервис ТВЕ.
Сите наоди го потврдија еврејското потекло на големиот морепловец, истакнаа експертите на чело со Љоренте.
Околу 300.000 Евреи живееле во Шпанија пред католичките монарси Изабела и Фердинанд да им наредат на нив и на муслиманите да преминат во католичка вера или да ја напуштат земјата, потсетува Ројтерс.
После тоа, многу шпански Евреи се преселиле низ светот.
Тим на истражувачи утврди дека е можно со сигурност да се каже дека Колумбо е роден во Западна Европа, откако анализирале 25 можни места на неговото раѓање.
Пред неколку дена форензичарите од Универзитетот во Гранада дефинитивно потврдија дека посмртните останки закопани во катедралата во Севиља му припаѓаат на Колумбо.
Љоренте објасни дека во текот на првите студии од 2003 до 2005 година се зборувало за можна совпаѓање што би укажала дека коските пронајдени во катедралата му припаѓаат на Колумбо, но дека веројатноста е мала бидејќи нема доволно ДНК материјал.
Љоренте додаде дека благодарение на новите технологии сега е дефинитивно потврдено дека посмртните останки му припаѓаат на познатиот навигатор.