Американската вселенска агенција предупреди дека за 30 години ќе биде премногу топло за да се живее во некои делови на Шпанија поради климатските промени.
НАСА предупреди дека ќе биде премногу топло за живеење во Мадрид, Валенсија и Андалузија и дека високите горештини ќе го загрозат здравјето на луѓето, пренесува Euronews.
Студијата насловена како „Премногу жешко: како климатските промени би можеле да направат некои места премногу жешки за живеење“, предупредува дека освен делови од Шпанија, до 2050 година ќе биде премногу топло и неиздржливо за живеење во Јужна Азија, Персискиот Залив, во областите околу Црвеното Море и источна Кина.
Во исто време, студијата забележува дека слични температури ќе погодат делови од Југоисточна Азија и Бразил до 2070 година.
„Настаните како топлотниот бран во Европа во 2003 година, кој однесе повеќе од 70.000 животи, ќе станат почести и потешки од 2040-тите па наваму. Луѓето кои веќе живеат во „жешките точки“ ќе мора да се прилагодат на уште подолги периоди на топлотни бранови, додека оние кои живеат во постудени градови ќе бидат изложени на екстремна топлина на која не се навикнати“, велат експертите.
Експертите предупредуваат дека големите градови ќе мора да се прилагодат пред 2050 година, особено кога станува збор за соодветна климатизација и дека е неопходно да се реши проблемот со недостигот на зелени површини во урбаните региони.
Здравствените проблеми како дехидрација, топлотен удар и кардиоваскуларни болести ќе станат почести, предупредуваат експертите.