Плажите во Сиднеј денеска беа затворени за капачите откако на брегот беа исфрлени стотици црни топки за кои постои сомневање дека се отровни.
Властите соопштија дека ги затвориле плажите Бонди, Бронте и Тамарама како мерка на претпазливост, додека четири други плажи во предградието Рандвик се затворени, објави Ројтерс.
Плажата Бонди и Марубра на југ подоцна повторно се отворија.
Институциите сугерираа дека мистериозните предмети се „топчиња од катран“.
„Имаме толку многу загадување во атмосферата, на чамци, пластика, сето тоа ќе заврши на нашите плажи. За жал, така е насекаде во светот“, вели локалната жителка Моника О’Конел.
Агенцијата за животна средина на Нов Јужен Велс соопшти дека спроведува свои тестови, советувајќи ја јавноста да не плива во близина или да не ги допира топчињата.