Руски рибари спасија маж кој повеќе од два месеци, цели 67 дена, пловеше во мал гумен чамец во Охотското Море на далечниот исток на Русија.
Руските власти потврдија дека 46-годишниот маж, кого руските медиуми го нарекуваат Михаил Пичугин, бил пронајден од екипажот на рибарски брод на речиси илјада километри од местото каде што заминал на почетокот на август, како и дека во во чамецот биле најдени безживотните тела на неговиот брат Сергеј (49) и внукот Иља (15), пренесува РИА Новости.
Сопругата на Пичугин рекла дека тројцата отпловиле да гледаат китови, а и дека Михаил и неговите придружници тргнале на патување со залихи на храна за две недели.
Според нејзините тврдења, телесната тежина на Михаил Пичугин би можела да биде клучен фактор за неговиот опстанок, бидејќи тој патувањето го започнал тежок сто килограми, а кога го пронашле 67 дена подоцна, тежел 50 килограми.
Се верува дека Пичугин успеал да преживее толку долго во Охотското Море, најстудено во Источна Азија, благодарение на тоа што од време на време успевал да фати неколку риби.