Во обид да ја потиснат вревата од пијаните туристи, градските власти во Прага денеска ги забранија ноќните обиколки во баровите организирани од туристички компании.
Според одлуката донесена денеска, туристичките водичи повеќе нема да можат да организираат популарни тури во баровите од 22 до 6 часот, објавија чешките медиуми.
Неразумното консумирање алкохол и несоодветното однесување за време на ноќните обиколки по локалите може да создаде впечаток на некултура во заедницата, да го намали чувството на сигурност и негативно да влијае на перцепцијата на општината од страна на туристите и потенцијалните инвеститори, се наведува во одлуката.
Заменик-градоначалникот на Прага, Јиржи Поспишил, рече дека градот сака покултурен, побогат турист, а не оној кој доаѓа само на кратко да се опие.
Жителите на центарот на Прага, кој е полн со барови и пабови, долго време се жалат на бучавата и ја наведуваат загриженоста за безбедноста поради однесувањето на туристите кои ги посетуваат пабовите навечер.